Големото дерби му припадна на тимот на ЖРК Металург

13.04.2019 19:20

Во Автокоманда денеска се одигра плеј-оф натпревар во Женската лига, во кој ЖРК Металург го совлада тимот на ЖРК Куманово и безмалку ја завери шампионската титула за сезона 2018/19. По оваа средба нашите девојки имаат предност од пет бода и натпревар помалку од својот единствен конкурент и само чудо може да не спречи, по неколку посни години, да го вратиме шампионскиот пехар во нашите витрини.

Денешната средба мина во вистинска спортска борба на две екипи кои беа свесни за значењето на овој натпревар и кои ги вложија сите свои сили и знаења за да дојдат до победата. На крајот победата и трите бода заслужено му припаднаа на ЖРК Металург, кој во најголемиот дел од средбата имаше целосна резултатска контрола.

Средбата почна со наша серија од 3:0, со која требаше да стекнеме дополнителна самодоверба. Но, Куманово не се предаде и во следните 15 минути успеа да воспостави рамнотежа на теренот. Во втората половина од првото полувреме гостинките најпрво израмнија на 7:7, а потоа ги забележаа и своите единствени две водства на денешната средба, 7:8 и 8:9. Во тој период Металург не дојде во ситуација да ја искористи својата брзина и мораше да води позициона борба со поснажните ракометарки на Куманово. Првото полувреме сепак го доби Металург, со минимални 10:9.

Во вториот дел продолжи жестоката борба за секој метар на теренот. Металург заигра многу поцврсто во одбраната, диригирана од денеска одличните голманки Илјаз и Паскал, а сето тоа резултираше со катастрофален пад во реализацијата на ЖРК Куманово, чии ракометарки за 19 минути во овој дел од средбата постигнаа само два гола.

Во последните десетина минути од натпреварот влеговме со максимална предност од пет голови, што беше сосема доволно за победа.

Во следното коло ЖРК Металург гостува кај екипата на Стружанка.

.

ЖРК Металург – ЖРК Куманово  20:17 (10:9)

ЖРК Металург: Илјаз, Паскал, Гугуљанова 5, Ѓорѓиевска, Владева 2, Ивановска, Гулицоска 2, Тасевска 1, Смајлоска, Алексоска, Темелковска, Калајџиевска 2, Граматова, Стефановска 1, Гајиќ 1 и Гичевска 6.    Седмерци: 2/4.    Исклучувања: 10 минути.

ЖРК Куманово: Марковиќ, Живковска, Трајковиќ 2, Ивановска 1, Боризовска 7, Дичковиќ, Шарановиќ 6, Петковска, Стојчевска, Наумоска, Глигоријадис, Краљевска, Радевска, Цветановска, Дабевска 1 и Димова.    Седмерци: 2/4.    Исклучувања: 10 минути.

Судии: Ѓоко Колевски и Сашо Кркачев од Скопје.

Делегат: Ацо Николовски од Скопје.

Прочитано 332 пати

(0) Readers Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


7 + = 11