Кадетките на ЖРК Металург се вицешампионки на Македонија

09.06.2019 17:18

Кадетската екипа на ЖРК Металург го загуби финалето на кадетскиот фајналфор во Прилеп. Подобри од нас беа ракометарките на ЖРК Вардар, кои во драматичен натпревар не совладаа со минимални 31:32 (13:15).

Нашите кадетки одиграа фантастична сезона и до финалната средба со Вардар имаа зад себе 17 натпревари и 17 победи и беа единствен тим без загубен бод во кадетското првенство.

За жал, својата единствена слабост ја имаа токму во финалниот натпревар, кој го одиграа далеку под своите можности. Нашите девојки имаа многу лошо прво полувреме во кое дозволија Вардар да има постојана предност, на моменти и со пет голови разлика.

Во вториот дел Металург заигра многу подобро и натпреварот го направи драматичен, со повремена предност на двете екипи. Во последната минута влеговме со израмнети 31:31, но на десетина секунди до крајот против нас беше досуден седмерец, кој Вардар го претвори во минимална предност и победа. Во преостанатите неколку секунди нашите девојки не стигнаа да создадат шанса и да го загрозат голот на противникот.

Претходно, во рамките на полуфиналето, ја совладавме екипата на Деспина, со резултат 29:28 (12:13).

И покрај поразот, претседателот на ЖРК Металург, Филип Христов, е задоволен од резултатите на нашиот кадетски тим:

“Како претседател, се гордеам со нашиот кадетски тим и со неговата посветеност на спортот. Им благодарам на тренерот Наталија Тодоровска и на целиот кадетски тим, кој, и покрај тешките услови и недоволниот број на тренинзи и термини за тренинзи, постигна одлични резултати и во тековната сезона оствари 17 победи и еден минимален пораз. Тоа е резултат за респект и затоа на девојчињата им порачувам – Главата горе, одиме во нови победи“.

 

 

Прочитано 266 пати

(0) Readers Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


9 − = 4