Младинките на ЖРК Металург повторно се шампионки на Македонија

06.05.2018 21:31

Автокоманда денеска повторно слави, бидејќи старо-нови младински шампионки на Македонија се девојките на ЖРК Металург, кои во финалето на фајналфор-турнирот ја совладаа екипата на Вардар Јуниор, со катастрофални 37:22 (21:10). Со максимални 12 победи во групната фаза и две на фајналфор-турнирот, сезоната ја заокружуваме со перфекти 14 победи.

Третата во тековната сезона средба со екипата на Вардар Јуниор ја крунисавме со најубедливата победа, во натпревар во кој влеговме како фаворити, а излеговме како шампиони. Нашите ракометарки овој натпревар го одиграа во еден здив, а противникот го надигравме во сите елементи на овој спорт. Вардар се соочи со гранитната одбрана пред голот на блескавата Амра Илјаз, а во нападот нашето најсилно оружје беше контранападот, преку брзите Граматова, Гајиќ и Тасевска. Нашата брза и максимално ефикасна игра од самиот почеток внесе немир во редовите на противникот, кој пред да се свести веќе имаше негатива од шест гола, 10:4 во 16. минута. Првпат двоцифрена разлика имавме во 24. минута, кога поведовме со 16:6, а првото полувреме го завршивме со предност од 11 гола, 21:10.

Во второто полувреме се играше порамноправно, но само до 48. минута, кога ЖРК Металург повторно го зголеми притисокот на голот на Вардар Јуниор. Повторно видовме неколку молненосни контранапади, а сето тоа резултираше со наша највисока предност од 16 гола, 37:21. Конечниот резултат од оваа финална средба е 37:22 во полза на староновите шампионки.

Честитки до младинките на ЖРК Металург кои, по нашите пионерки, ни ја донесоа втората шампионска титула во актуелната сезона, честитки до тренерската двојка Јуле Црвенкоска и Крсто Петрушевски, но честитки и до екипата на Вардар Јуниор, бидејќи составот на Драгана Пецевска е млад и екстремно талентиран и за него ќе слушнеме многу и во наредните години.

Пред оваа средба се одигра и натпреварот за третото место, а во кој славеше екипата на ЖРК Вардар, која го совлада тимот на ЖРК Кичево со резултат 29:22 (14:11).

.

ЖРК Металург – Вардар Јуниор  37:22 (21:10)

ЖРК Металург: Илјаз, Кркачева, Гугуљанова 2, Владева, Божиновска 1, Тасевска 5, Смајлоска 5, Алексоска 3, Дамчевска, Калајџиевска 4, Граматова 9, Ристовска, Стефановска, Гајиќ 8, Стојмановска и Брунчевиќ.    Седмерци: 3/4.    Исклучувања: 12 минути.

Вардар Јуниор: Трајкоска, Гроздановска, Дамјановска 1, Гонзалес, Ѓорѓиевска 3, Донева, Петковска, Грујовска, Софтовска 6, Наскоска, Џатевска 2, Костовиќ 2, Миновска, Коларовска 4, Јаковчевска 2 и Талевска 2.   Седмерци: 4/8.   Исклучени: 6 минути.

Судии: Дичовски Бојан и Василевски Ѓорѓи од Скопје.

Делегат: Георгиевски Митко од Скопје.

 

Прочитано 350 пати

(0) Readers Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


6 + = 11