Полуфиналната драма во Купот на Македонија ја доби ЖРК Металург

20.05.2018 00:19

Во Скопје денеска се одиграа двете полуфинални средби во Купот на Македонија. Во за нас интересната средба, ЖРК Металург, по голема драма и изведени пенали, ја совлада екипата на ЖРК Вардар Јуниор и се пласира во утрешното финале, каде за противник ќе го има фаворитскиот тим на ЖРК Вардар.

Денешната средба мина во драматична борба, а двете екипи блескаа во по едно од полувремињата. Првиот дел му припадна на нашиот спортски противник, кој подобро го отвори натпреварот и многу рано стекна опиплива предност од неколку гола, 1:4, 2:6 и 3:7. Сепак, Металург ја засили својата игра и до крајот на првото полувреме го анулираше најголемиот дел од предноста на Вардар Јуниор. Ова полувреме заврши со минимална предност на вардарки, 7:8.

За разлика од првото, во второто полувреме нашите девојки конечно заиграа според своите можности и тоа веднаш даде резултат. ЖРК Металург овој втор дел го почна со серија од 4:0, го презеде водството и го задржа се до последната минута, кога Николовска реализираше за Вардар Јуниор и му донесе израмнување, по кое мораа да се изведуваат седмерци.

Првите пет удари успешно ги реализираа ракометарките на двата тима, па воведната серија заврши со израмнети 5:5. Решавачка беше одбраната на нашата Бисера Паскал, која мајсторски го одбрани ударот на Анастасија Николовска од Вардар Јуниор, инаку денеска најпрецизната во редовите на нашиот противник, после кое ЖРК Металург заслужено се најде во финалето, кое се игра со почеток во 13 часот. Овој натпревар е и последна обврска на ЖРК Металург во тековната сезона.

Во второто полуфинале, сосема очекувано, ЖРК Вардар го совлада тимот на ЖРК Пелистер, со резултат 58:27 (29:16).

.

ЖРК Металург – ЖРК Вардар Јуниор  26:25 (6:5, 20:20, 7:8)

ЖРК Металург: Илјаз, Паскал, Гугуљанова, Владева, Божиновска 3, Тасевска, Смајлоска 1, Арсениевска 1, Дамчевска, Калајџиевска, Граматова 2, Ѓоргиевска 1, Ристовска, Стефановска 1, Гајиќ 11 и Стојмановска.    Седмерци: 7/8.   Исклучувања: 4 минути.

ЖРК Вардар Јуниор: Шадие, А.Николовска 10, Карчева, Кицеска, Вељановска, Станиќевска, Георгиевска, Божиновска 7, Филипоска 2, Иванова 1, М.Николовска и Велкова.   Седмерци: 8/9.   Исклучувања: 8 минути.

Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје.

Делегат: Љупчо Јаневски од Скопје.

Прочитано 350 пати

(0) Readers Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


− 1 = 4