Првиот дуел меѓу ЖРК Металург и Иси Париз очекувано му припадна на гостинскиот тим

08.09.2018 19:07

Во Автокоманда се одигра првиот од двата дуели во рамките на првото квалификациско коло во женскиот ЕХФ-Куп, меѓу екипите на ЖРК Металург и на Иси Париз. Гостинскиот тим ја оправда улогата на апсолутен фаворит и го доби натпреварот со резултат 15:31 (4:17).

Првото полувреме мина во целосна доминација на францускиот состав, кој ја искористи збунетоста на нашите ракометарки и многу брзо стекна висока предност од 7 гола, 8:1 и 9:2. Младите и неискусни ракометарки на ЖРК Металург беа очигледно импресионирани од значењето на средбата и од името на својот противник и многу тешко го наоѓаа патот кон противничкиот гол, особено што и Иси Париз постави висока и гранитно цврста одбрана. Првото полувреме заврши со катастрофални 4:17.

Сето тоа во голема мера се измени во второто полувреме. Одморот и советите од тренерскиот двоец на Металург очигледно дадоа резултат, бидејќи нашите девојки вториот дел го одиграа многу посигурно, па и поамбициозно. Единствениот период во кој го надигравме противникот се првите десет минути од вториот дел, во кои постигнавме пет, а примивме само три гола, иако во тој период имавме и казнет играч и пенал во полза на Французинките. Се до крајот на средбата се играше рамноправно и второто полувреме гостинките го добија со само три гола разлика, 11:14.

Најпрецизни на средбата беа гостинските ракометарки Пинтеа, со 7 гола, и Хорачек, со 6 гола.

Веќе утре се игра реванш-средбата, иако веќе сега е јасно дека пласман во второто коло обезбеди екипата на Иси Париз. Утрешната средба исто така се игра во Автокоманда и повторно во терминот од 16.30 часот.

.

ЖРК Металург – Иси Париз  15:31 (4:17)

ЖРК Металург: Илијаз, Паскал, Софтовска 1, Гугуљанова, Кукунешевска 1, Ѓоргиевска, Владева, Гулицоска 4, Тасевска, Смајлоска, Арсениевска 3, Калајџиевска 2, Граматова 1, Стефановска 1, Гајиќ 2 и Гичевска.    Седмерци: 4/4.    Исклучувања: 8 минути.

Иси Париз: Серциен 1, Пинтеа 7, Хорачек 6, Алрич, Сатрапова, Мазенс 4, Фофана 1, Ласур 2, Биљо 2, Мур 3, Фреј 1, Мала 2 и Деба 2..    Седмерци: 6/8.   Исклучувања: 2 минути.

Судии: Пинар Хатипоглу и Мехтап Симсек од Турција.

Делегат: Радош Ракочевиќ од Црна Гора.

Прочитано 354 пати

(0) Readers Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


5 + 8 =