ТЕШКА ГРУПА ЗА МЕТАЛУРГ ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЖЕНСКАТА ЛШ

21.07.2010 15:26

Девојките од Автокоманда ќе играат во групата 3 заедно со романски Клуж, норвешки Бјасен и со победникот од претквалификацискиот турнир. Мечевите ќе се играат во Скопје од 17 до 19 септември.

Вицешампионите на Романија и на Норвешка, екипите на Клуж и на Бјасен, како и првопласираниот тим од претквалификацискиот турнир на кој ќе настапат шампионите на Холандија, Швајцарија, Португалија и на Шведска, се противниците на македонскиот ракометен шампион во женска конкуренција Металург во групата 3 од квалификациите за пласман во женската Лига на шампиони (ЛШ). Турнирот ќе се игра во Скопје во периодот од 17 до 19 септември, а место во главната фаза од ЛШ ќе обезбеди само првопласираниот тим на крајот од трите одиграни кола.

Процените се дека дамите од Автокоманда добија силна група во која улогата на фаворити ќе ја имаат тимовите на Клуж и на Бјасен, кои доаѓаат од земји што се во врвот на европскиот женски ракомет.

– Добивме исклучително тешка група. Самиот податок за тоа од каде доаѓаат Клуж и Бјасен е доволно да им се даде улогата на фаворит. Дури ниту четвртиот тим во групата што ќе дојде од претквалификациите нема да биде наивен противник. Меѓу конкурентите таму е и шампионот на Холандија, која неодамна ја елиминира Македонија од можноста да учествува на следното ЕП – ни изјави Крсто Петрушевски, тренерот на женскиот состав на Металург.

Според стратегот на македонскиот женски ракометен шампион, шансите да се избори првото место во групата се само теоретски. Но тоа не значи дека тие однапред ќе се предадат.

Ќе играме на домашен и ќе сториме сé да дојдеме до што е можно подобар успех. Нема да биде лесно. Претстојните средби од квалификациите за ЛШ ќе бидат одличен тест за овој состав на Металург и шанса за стекнување драгоцено искуство. Ќе пробаме да се покажеме во најдобро светло и достојно да ги презентираме нашиот тим и македонскиот женски ракомет на септемвриските средби во Скопје – дополнува Петрушевски.

Прочитано 5 пати

(0) Readers Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


2 + = 11