Тимот на ЖРК Металург “сребрен“ и во Купот на Македонија

20.05.2018 15:58

Финалниот натпревар во Купот на Македонија очекувано му припадна на тимот на ЖРК Вардар, кој го совлада младиот ЖРК Металург, со резултат 24:46 (12:19). Вардарки настапија со само десет ракометарки, но Вардар е премногу силен, без разлика со кој состав ќе се појави на теренот. Сепак, се доби впечаток дека разликата во квалитетот не беше на ниво на разлика од 22 гола, туку решавачки беа респектот кон противникот што го чувствуваа нашите ракометарки и значењето на самата средба. Слаба страна на нашите девојки беа големиот број на технички грешки, лошите додавања, топки фрлени во аут и избрзаните удари, што само по себе го натера противникот да не разоружа со молненосни контри, во што посебно се истакнаа Саздовска и Ристевска. Сепак, ваквите средби се многу значајни за стекнување на искуство, а, без разлика на се, тимот на ЖРК Металург е најдоброто што Македонија го има во нивната генерација. Тие се иднината на македонскиот женски ракомет и се комплетно домашен продукт, произведен во салата Автокоманда.

Самата средба имаше рамноправен почеток, но само до резултат 3:3. Потоа ЖРК Металург влезе во серија на грешки, што Вардар го искористи и со серија од 7:1 го реши натпреварот. Првото полувреме сепак заврши со предност на Вардар од само 7 гола, 12:19.

ЖРК Металург многу лошо го отвори вториот дел, па на Вардар не му беше тешко да стигне и до двоцифрена предност 12:22. Како што одминуваше времето, разликата стануваше се поголема. Металург се обидуваше да парира, но бројните грешки не му дадоа шанса да влијае врз резултатот. Крајот на средбата го дочекавме со негатива од дури 22 гола.

Честитки за ракометарките на Вардар, но исто така и за нашите ракометарки, кои во овој состав најпрво станаа младински шампионки на Македонија, потоа дојдоа до вицешампионската титула во сениорското првенство на Македонија, а сега и до среброто во Купот. Ако не се земе во предвид ѕвездениот тим на Вардар, ЖРК Металург е најдобриот колектив во Македонија, кој својата вистинска сила ќе ја покаже веќе во следната сезона, кога против себе ќе има екипи составени од македонски ракометарки.

.

ЖРК Металург – ЖРК Вардар  24:46 (12:19)

ЖРК Металург: Илјаз, Кркачева, Паскал, Гугуљанова 2, Владева 3, Божиновска 3, Тасевска 4, Смајлоска 1, Арсениевска, Дамчевска, Калајџиевска 4, Граматова, Ѓоргиевска 4, Стефановска 1, Гајиќ 2 и Стојмановска.    Седмерци: 0.   Исклучувања: 2 минути.

ЖРК Вардар: Суслина, Саздовска 9, Бајрамоска 3, Мицевска, Керамичиева 6, Хмирова 2, Петровиќ 6, Гичевска, Кликовац 12 и Ристовска 8.   Седмерци: 0/1.   Исклучувања: 2 минути.

Судии: Марија Илиева и Силвана Карбеска од Скопје.

Делегат: Р.Наумовски/П.Климкаров од Скопје.

Прочитано 361 пати

(0) Readers Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


7 + = 9