ЖРК Металург го освои Куманово

13.03.2019 22:29

Во претпоследното коло од регуларниот дел на Женската лига во Куманово се одигра дерби натпреварот меѓу екипите на ЖРК Куманово и на ЖРК Металург. Оваа средба имаше огромно значење за двете екипи, бидејќи директно решаваше за победникот на регуларниот дел, а не помалку важни беа и бодовите што ќе се пренесат во следната фаза. За ЖРК Металург оваа средба имаше и принципиелна вредност. Имено, во Скопје ЖРК Куманово ни го нанесе најтешкиот пораз во последните десетина години и нашите ракометарки гореа од желба да се реваншираат и да докажат дека се поквалитетен тим и дека тогаш во Скопје имаа само еден лош ден и лош настап.

Тоа што сакаа, девојките на ЖРК Металург и го остварија. Екипата на ЖРК Куманово е целосно надиграна на нејзин терен, а победата од осум голови разлика е реална и заслужена.

Всушност, ЖРК Металург водеше во текот на сите 60 минути и не им даде никаква шанса на домашните ракометарки, кои само во три наврати, во почетната фаза од средбата, имаа можност да го израмнат резултатот.

Во првото полувреме се водеше голема борба. Металург постојано водеше, но не со повеќе од три голови разлика, со колку и го завршивме првиот дел. Во второто полувреме, пак, работите се сменија во наша полза. Металург постепено ја зголеми својата предност, која во неколку наврати изнесуваше и максимални девет гола. Конечниот резултат е 22:30 (11:14).

До крајот на регуларниот дел ЖРК Металург има уште само една средба и тоа против екипата на последнопласираното Овче Поле во Автокоманда. ЖРК Металург овој дел од првенството ќе го заврши на челната позиција и во плеј-офот ќе пренесе најмногу бодови – 18.

.

ЖРК Куманово – ЖРК Металург  22:30 (11:14)

ЖРК Куманово: Живковска, Трајковиќ 4, Ивановска 1, Пеовска 3, Боризовска 7, Дичковиќ, Шарановиќ 2, Петковска, Стојчевска, Кипријановска 1,Наумоска, Глигоријадис, Краљевска, Цветановска, Дабевска 3 и Димова 1.   Седмерци: 2/4.     Исклучувања: 8 минути.

ЖРК Металург: Илјаз, Гугуљанова 2, Ѓорѓиевска, Владева 2, Ивановска, Гулицоска 2, Тасевска 5, Смајлоска 2, Арсениевска, Алексоска, Темелковска, Калајџиевска 6, Граматова, Гајиќ 4, Гичевска 7 и Паскал.    Седмерци: 3/4.    Исклучувања: 10 минути.

Судии: Ѓоко Колевски и Сашо Кркачев од Скопје.

Прочитано 315 пати

(0) Readers Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


4 − 2 =