ЖРК Металург освои само бод на гостувањето кај Вардар

24.04.2019 13:53

Во продолжението на плеј-оф фазата на првенството на Македонија, екипата на ЖРК Металург гостуваше кај Вардар, од каде се врати со само еден освоен бод. Средбата заврши со резултат 24:24, откако по првото полувреме домашните ракометарки стекнаа предност од еден гол, 9:8.

Одигравме лош натпревар, далеку под нашите можности, а на крајот можевме да бидеме и казнети со загуба на сите три бода, бидејќи во својот последен напад Вардар не реализира чиста можност, па ударот на Седлоска заврши во пречката на нашиот гол. Се чини дека големата бодовна предност што ја имаме пред второпласираното Куманово, како да ги успа нашите девојки, па тие одиграа натпревар што треба веднаш да го заборавиме и во преостанатите три средби да влеземе со целата одговорност и со максимална концентрација.

Иако натпреварот мина во рамноправна борба, Вардар беше тимот што имаше резултатската предност во поголемиот дел од средбата. Првото полувреме заврши со резултат 9:8 за Вардар, а домашните ракометарки водеа и во прва половина од вториот дел, односно се до 19:19. Потоа ЖРК Металург направи пресврт и го презеде водството. Најдраматични беа последните минути во кои најпрво Вардар поведе со 24:23, а потоа ние израмнивме на 24:24. Иако имавме две ракометарки повеќе на теренот, поради исклучувања во редовите на Вардар, токму домашните ракометарки на крајот имаа убава можност за освојување на сите бодови, но, како што веќе кажавме, ударот на Седлоска заврши во пречката на нашиот гол.

.

ЖРК Вардар – ЖРК Металург  24:24 (9:8)

ЖРК Вардар: Трајковска, Ѓеоргиевска 1, Божиновска 2, Грујовска, Џатевска 1, Трпевска 3, Гроздановска 2, Костовиќ 1, Диневска 1, Седлоска 8, Коларовска, Петковска 3, Стаменкова, Васевска, Дамјановска 1 и Николиќ 1.    Седмерци: 5/5.    Исклучувања: 4 минути.

ЖРК Металург: Илјаз, Паскал, Гугуљанова 2, Ивановска, Ѓорѓиевска, Владева 2, Гулицоска 8, Тасевска 4, Смајлоска, Алексоска, Дамчевска, Калајџиевска 1, Граматова 2, Ристовска, Стефановска и Гичевска 5.    Седмерци: 3/5.    Исклучувања: 6 минути.

Судии: Марија Илиева и Силвана Карбеска од Скопје.

Делегат: Марјан Огњановски од Скопје.

Прочитано 227 пати

(0) Readers Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


4 − 4 =