ШОК ВО “АВТОКОМАНДА“. ПОДРАВКА СЕ СПАСИ СО ГОЛ ПО ИСТЕК НА ВРЕМЕТО

17.02.2013 04:31

Немаа среќа нашите девојки. Одиграа фантастично против моментално најсилната екипа во женската Регионална лига. Беа на прагот на победа против тимот на Подравка. Водевме со резултат 22:21. Одекна и последниот сигнал на семафорот. Остана да се изведе уште само ударот од девет метри. При првиот обид на Жана Човиќ, предвреме скокна Бајрамовска и беше исклучена. Во својот втор обид, на ужас на целата сала, Човиќ го погоди десниот горен агол на нашиот гол и Подравка се спаси од пораз, 22:22. Но таков е спортот, некогаш и нам ќе ни се насмее среќата.

Денеска ЖРК Металург одигра многу вдахновено. Едноставно се чувствуваше желбата за победа, желбата да се прекрши црната серија во која е влезен нашиот тим.

Во текот на целото прво полувреме Металург го контролираше водството. Поведовме со 5:1 и водевме до 22. минута, кога Подравка успеа да го израмни резултатот, 8:8. Во 24. минута Подравка краткотрајно премина во водство, 8:9 и 9:10, но полувремето сепак го добивме, со резултат 12:11.

Во второто полувреме се водеше огорчена борба, но Подравка веќе беше екипата што имаше минимална предност. Дури шест пати го израмнувавме резултатот, па сепак моравме да чекаме до 57. минута, кога, со голот на младата Керамитчиева, поведовме со резултат 21:20. Подравка го израмни резултатот, но со голот на Бајрамоска повторно поведовме и така беше до последниот знак на сирената, која го означи крајот на натпреварот. А потоа сите знаеме што се случи.

Штета, Металург ја заслужи победата, а Подравка никогаш не била поблиску до првиот пораз во тековната сезона во Регионалната лига.

Металург-Подравка Вегета 22:22 (12:11)

Металург: Антиќ, Иаломитеану, Мечевска 1, Гроздановска 2, Керамитчиева 2, Ѓорѓиева 1, Бајрамовска 11 (2), Десподовска, Младеновска, Николиќ, Николовска, Саздовска, Ристовска, Митрова 4. Седмерци: 2/3. Исклучувања: 4 минути.

Подравка Вегета: Ждериќ, Јелчиќ, Капитановиќ, А. Човиќ 1, Кириџиќ 3, Ж. Човиќ 2, Понграц 2, Шенвалд, Шон 2, Гаче 2, Милановиќ Литре 5, Видак, Хорват 3, Пушиќ-Корољевиќ 2 (2). Седмерци: 2/2.  Исклучувања: 12 минути.

Судии: Душан Стојковиќ и Ненад Николиќ од Србија.

Делегат: Драган Начевски од Македонија.

 

Фотогалерија:

Прочитано 176 пати

(0) Readers Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


− 7 = 0