ВАРДАР СЀ УШТЕ Е ПЛИТОК ЗА ЖРК МЕТАЛУРГ

12.01.2013 19:53

ЖРК Металург извојува лесна и убедлива победа над ЖРК Вардар СЦБТ. Домашниот состав, од кој се очекуваше многу повеќе по неговите најнови засилувања, во ниту еден момент не беше рамноправен противник и во ниту еден момент не ја загрози нашата победа. Едно израмнување, при 5:5, е сѐ што сторија домашните ракометарки, премалку за екипа што има дури и европски аспирации. ЖРК Металург покажа како се игра за боите на својот клуб, докажа дека засега нема реален конкурент во македонскиот женски ракомет.

ЖРК Металург одигра фантастично во одбраната, толку добро што противникот само одвреме-навреме го гледаше голот, а искусните Дмитровиќ, Виноградова, Лојпур и Фернандез целосно се загубија во нападот. На чело на нашата одбрана беше македонскиот голмански феномен Тања Андрејева, која со своите 18 одбрани целосно го сруши моралот на денешниот безидеен вардаров напад. Примивме само 14 гола, шест во второто полувреме. Тоа е најдобар показател за денешните состојби на теренот на противникот.

Металург го почна натпреварот со серија од 4:0. Вардар својот прв гол го постигна дури во 9. минута. Во 14. минута домашниот состав ја искористи моменталната слабост на нашата екипа и го израмни резултатот, 5:5. Нашите девојки брзо се повратија и веќе во 25. минута имаа предност од 5 гола, 7:12, за на крајот од полувремето водиме и со + 6, 8:14.

Малобројните навивачи на домашниот состав очекуваа дека во вториот дел работите радикално ќе се изменат во корист на Вардар. Такво нешто не се случи и набргу престана и скандирањето во салата. Веќе во 34. минута водевме со +7, 8:15. Вардарките се обидоа да се консолидираат, постигнаа неколку гола и го намалија резултатот на 12:16. Следуваше убиствена серија на ЖРК Металург од 6:0 и највисока предност на натпреварот, 12:22. На крајот стигнавме до победа, со резултат 14:23. Со девет гола разлика победивме и во „Автокоманда“, но овој пат примивме само 14 гола, во просек по еден на секои четири минути.

Најдобри на теренот беа три наши ракометарки: Андрејева со 18 одбрани, Бајрамоска со 7 и Васчук со 6 постигнати гола.

ЖРК Металург го задржа епитетот најдобра женска екипа во Македонија. Вардар го оставивме во проблеми што ќе мора да ги решава за да ги оправда огромните вложувања. Како што тргнаа работите, тоа најверојатно ќе значи ангажирање 3-4 нови странски засилувања. До следната средба.

ЖРК Вардар СЦБТ – ЖРК Металург   14:23 (8:14)

ЖРК Вардар СЦБТ: Суслина (6 одбрани), Саидова (6 одбрани), Костјукова 3, Саздовски, Љубљанаја, Стојковска, Штериова 2, Светлова 1, Маневска 2, Дмитровиќ 3, Жулкина, Виноградова 2, Орехова, Фернандез 1, Црвенковска, Лојпур.     Седмерци: 2/3.    Исклучувања: 4 минути.

ЖРК Металург: Андрејева (18 одбрани), Иаломитеану (2 одбрана), Антиќ, Мечевска, Гроздановска, Керамитчиева, Ѓорѓиевска, Бајрамоска 7, Десподовска, Младеновска 4, Николовска 1, Башиќ 3, Саздовска, Васчук 6, Ристовска и Митрова 2.     Седмерци: 2/2.   Исклучувања: 4 минути.

Судии: Митровиќ Новица и Весовиќ Милјан од Црна Гора.

Делегат: Вујисиќ Небојша од Црна Гора.

Фотогалерија: (Извор “Нова Македонија“ – фото Бансколиев)

 

Прочитано 104 пати

(0) Readers Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


6 + 2 =