ЖРК МЕТАЛУРГ И НАТАМУ Е НАЈДОБРА ЖЕНСКА ЕКИПА ВО МАКЕДОНИЈА

27.09.2012 21:14

Откако се формира новиот состав на Вардар се создаде фама дека ЖРК Металург ги живее последните денови од својата слава. Многумина не отпишуваа, тврдеа дека е дојден крајот на нашата доминација. Не плашеа со имињата на Суслина, Саидова, Лојпур, Дмитровиќ…Натпреварот го прогласија за големо македонско дерби, Вардар ја доби улогата на фаворит.

ЖРК Металург не подлегна на ваквите притисоци. Нашите шампионки со голем оптимизам ја дочекаа денешната средба, сигурни во својот квалитет, решени да го победат тимот кој се појави од никаде и кој најави дека ќе посегне по нешто што е наше.

Средбата заврши, а сите останаа разочарани. Ништо од дербито, ништо од неизвесноста. Победата на ЖРК Металург испадна висока, чиста како солза, полесна од сите очекувања. Металург уште долго ќе биде водечка екипа во македонскиот женски ракомет. Повторно ние сме фаворити во меч против кој било македонски состав.

Вардар поведе со 1:0, Металург израмни на 1:1. И тука завршија и отпорот и натпреварот. До крајот на средбата нашите девојки одржуваа сигурно водство, кое постојано го зголемуваа. Во 12. минута стигнавме до 6:3, а веќе во 22. и до 11:6. Полувремето заврши со резултат 13:8. Ако некој очекуваше дека паузата меѓу двете полувремиња ќе донесе некаква промена, остана разочаран. Металург не ја испушти својата жртва, не и дозволи да дојде до здив. Во 36. минута водевме со +7 (17:10), во 58. со +8 (24:16) за на крајот да водиме и со цели 9 гола предност, 25:16.

Денеска победата ја извојувавме првенствено со нашата гранитна одбрана. Противничките ракометарки немаа решение за нашата одбранбена зона, па се случи двете најдобри ракометарки во вардаровиот напад (Лојпур и Дмитровиќ) да постигнат само еден единствен гол, а Виноградова, која постигна 6 гола, дури пет ги реализира од 7 метри.

Победата е секогаш тимски успех и секој има дел од заедничките заслуги. Па, сепак, денеска блеснаа три ракометарки. Тања Андрејева, која со своите 15 одбрани ги фрли во очај противничките ракометарки и која одбрани тогаш кога најмногу требаше. Мирјета Бајрамоска, која постигна 11 (сите од игра), и Соња Башиќ, со 8 гола, беа тие што денеска ја запечатија судбината на Вардар.

Постигнавме голема победа, која ги постави работите на свое место.

ЖРК Металург – ЖРК Вардар СЦБТ     25:16 (13:8)

ЖРК Металург: Андрејева (15 одбрани), Иаломитеану, Мечевска, Гроздановска, Керамитчиева, Ѓорѓиевска, Бајрамоска 11, Десподовска 1, Пецевска 1, Младеновска 1, Николовска 2, Башиќ 8, Саздовска, Милачиќ, Васчук 1 и Митрова.    Седмерци: 6/7.    Исклучувања: 4 минути.

ЖРК Вардар СЦБТ: Суслина, Саидова, Костјукова 2, Саздовски, Љубљанаја, Стојковска 1, Светлова, Маневска 1, Кири 1, Дмитровиќ, Жулкина 2, Виноградова 6, Кликовац 2, Орехова и Лојпур.    Седмерци: 4/6.    Исклучувања: 4 минути.

Судии: Начевски Ѓорги и Николов Славе од Скопје.

Делегат: Начевски Марјан од Скопје.

Прочитано 23 пати

(0) Readers Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


8 − 2 =